На првиот стручен колегиум во 2021 година, инспекторите договорија постапки и правила со цел надзорите да бидат потемелни, поадекватни и поефективни. Колегиумот се одржа на 19-ти и 20-ти февруари во Демир Капија, а учество зедоа и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Поважните одлуки се однесуваат на донесување интерни акти за:
- Постапувањето во случај на законски празнини, преклопувања на надлежностите, несоодветно постапување на овластените инспектори за животна средина на локално ниво
- Координацијата помеѓу водостопанските и инспекторите за животна средина
- Подготовките и стандардните постапки при надзор врз инсталации со различен ризик за животната средина
- Постапувањето во случај на хаварии, потребата од обука на инспекторите за мострирање и набавка на соодветна опрема
- Надзорот врз непрописните депонии што ги одржуваат јавните комунални претпријатија, како и врз сите правни и физички лица што постапуваат со опасен и неопасен отпад
Инспекторите споделија искуства и за специфични случаи за кои е потребно поширокаопсервација, собирање на докази и соработка со други институции.
Стручни колегиуми ќе се одржуваат секој месец, а во март координацијата помеѓу инспекторите ќе се интензивира, со цел да се дадат предлози до Министерството за животна средина и просторно планирање за финализирање на Законот за инспекциски надзор во животната средина.